Заев: Граѓаните ќе решат дали Македонија ќе се развива и реформира

04.10.2017 16:30

„Ова се избори по кои ќе се види дали ќе бидеме дел од модерниот свет или сиромашни и изолирани“- претседателот на СДСМ, Зоран Заев од скопски Карпош. Вели дека Скопје ќе биде метропола што ќе обединува. Ветувања на кандидатите за градоначаници...

На овие локални избори нема да се гласа само за градоначалник, граѓаните ќе решат дали Македонија ќе се развива и реформира во просперитетна земја или повторно ќе биде сиромашна, изолирана и поделена – рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев на митингот во Карпош. Според него, граѓаните ќе се изјаснат дали ќе бидеме дел од модерниот свет, интегрирани во НАТО и Европската унија.

Скопје ќе се издигне како европоски модерен град, што ќе поврзува и обединува – рече Заев. Убеден е дека кандидати за градоначалници на СДСМ ќе победат на локалните избори во Карпош и Центар уште во првиот круг, а со тоа ќе стават крај на урбаниот хаос во градот. Ќе работи за намалување на загадувањето во градот.

Кандидатот за градоначалник на општина Карпош, Стефан Богоев, рече дека доколку ја добие довербата од граѓаните на локалните избори училишните дворови ќе ги претвори во зони за рекреација и фитнес, ќе ја обнови салата Партизан, како и турнирот Сокол по кој Карпош некогаш се паметел. Најави изградба на три базени, нов модерен дом за возрасните лица во Злокуќани, бесплатни домашни лекарски прегледи за повозрасните. Нови паркови и зелени површини.

На митингот во Центар, изборната програма пред граѓаните ја претстави кандидатот за градоначалник, Саша Богдановиќ. Тој најави дека сите паркови ќе бидат обновени со зеленило, ќе бидат насадени дрвја за да обезбеди подобра животна средина и велосипедски патеки.

Изборната програма во Центар ја претстави и кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Според него, Скопје ќе биде град кој ќе работи за граѓаните. Ќе ги поврзува со модерни и квалитетни улици, ќе има функционален јавен превоз и безбеден сообраќај, дигитализирани системи за јавни услуги.

Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од Ссоцијалдемократскиот сојуз одржа средба со граѓаните во општина Сарај.

 

Андријана Атанасовска