Пуџдемон ја повика шпанската влада да прифати посредништво

05.10.2017 12:59

Каталонскиот лидер Пуџдемон ја повика шпанската влада да прифати посредништво. Во говорот, го обвини кралот Фелипе Шести за занемарување на волјата на Каталонците за самостојност. Официјален Мадрид не го прифаќа гласањето, а вината за насилствата при полициските интервенции ја префрли врз Пуџдемон...

Каталонскиот претседател Карлес Пуџдемон го обвини шпанскиот крал Фелипе Шести за непочитување на волјата на Каталонците, кои се изјаснија за независност на историскиот референдум кој мина со многу инциденти и насилства. Неговиот револт е дополнително зголемен и поради тоа што Кралот воопшто не ги споменал повредените луѓе по полициската интервенција за време на гласањето. Тврди дека не ја прифатил улогата за посредување која му е доделена со Уставот. Шпанската влада возврати: „Не прифаќаме уцена од каталонскиот лидер“.

„Кралот ги презеде говорот и политиката на владата на премиерот Маријано Рахој кои беа катастрофални за Каталонија и намерно ги игнорира неколкуте милиони Каталонци кои не размислуваат како нив. Кралот прифати несоодветна улога на човек што се обдиува да го подготви теренот за одлуките коишто Мадрид долго време ги планира со цел да ја уништи волјата за самостојност на каталонскиот народ“, изјави Пуџдемон.

Народот со поделено мислење околу најновиот спор на домашната политичка сцена.

„Пуџдемон само бараше да се гласа. Сега откако гласавме, треба да работат во согласност со резултатот независно од тоа дали му се допаѓа на Кралот или не. Демократијата треба да надвладее.“

„Пуџдемон ја отвори Пандорината кутија. Сака независност. Го почитувам тоа, но според мене, бројот на гласови не ја одразува волјата на мнозинството. Требаше да ги вклучи сите, како кога гласаме на регуларните избори“- велат Каталонците.

Претходно Пуџдемон најави дека ќе се прогласи независност најдоцна до идната недела.

Конфликтот меѓу централната власт на Шпанија и каталонската Влада ја предизвика најсериозната криза по враќањето на демократијата од 1977 година.

 

Маја Филдишев