Почина Алит Абази кој беше застрелан во Кичево

05.10.2017 14:31

Независниот кандидат за советник во општина Кичево, Алит Абази кој беше ранет пред 10-ина дена во Кичево, изутрината во 4 часот им подлегна на повредите, потврдија за МТВ од Министерството за здравство. Абази во центарот на Кичево беше нападнат од зад грб, од 58-годишник од селото горно Строгомиште. Од МВР информираа дека инцидентот не е поврзан со изборниот процес...

Носителот на независна листа за советници во Кичево, Алит Абази кој беше застрелан пред 10-ина дена во вооружен инцидент во центарот на градот, починал изутрината на КАРИЛ, како последица на здобиените повреди.

Од Министерството за здравство за МТВ потврдија дека и покрај сите напори на лекарскиот тим, Абази во 4 часот им подлегнал на тешките повреди во абдоменот. Во инцидентот беа ранети и шефот на неговиот изборен штаб Дестан Абдиу и Шабан Далипи, кои исто така се во болница.

Абази неколку дена се наоѓаше во критична состојба на Одделот за интензивна нега на скопските клиники. Имаше сериозни повреди на абдоменалните органи и на р’бетниот столб.

Од МВР информираа дека инцидентот не е поврзан со изборниот процес. Во Абази пукал 58-годишен жител на кичевското село Горно Строгомиште. Напаѓачот веднаш беше уапсен од полицијата. По приведувањето, судија на претходна постапка му одреди мерка притвор од 30 дена. Судењето го чека во истражниот затвор во Шуто Оризари.

 

Игор Панов