ЕЛЕМ ќе распише повик за набавка на 29,7 гигават часови електрична енергија
Ова количество е наменето за потребите во ноември, поради очекуваната зголемена потрошувачка.

Електрани на Македонија соопшти дека на 10 октомври ќе биде одржана аукција за купување на 29,7 гигават часови електрична енергија за потребите на тарифните потрошувачи, домаќинствата и помалите индустриски потрошувачи. Ова количество е наменето за потребите во ноември, поради очекуваната зголемена потрошувачка.
Наредниот месец еден блок на РЕК Битола ќе биде сѐ уште во ремонт, а во РЕК Осломеј сѐ уште траат подготвителните активности за почеток на производство и дополнителен ископ на јаглен, додека хидро акумулациите не располагаат со доволно количество вода.
Според годишниот план на ЕЛЕМ за увоз на струја, во втората половина од годинава предвидени се 8 милиони евра, но актуелниот менаџмент смета дека овој износ ќе може да се намали со навремена и транспарентна набавка на електрична енергија.
