Груевски: Нови 150.000 работни места во наредната декада
Коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ на митинзи во Кисела Вода и во Центар. Синоќа, кандидатите и програмата претставени во Ресен и во Битола. Груевски вети нова ера и отворање работни места...

Нови 150.000 работни места во наредната декада во Македонија, намалување на невработеноста под 10 проценти како во развиените држави, просечен економски раст од 4 насто, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митингот на Коалицијата „За подобра Македонија“ во Битола и во Ресен. Додаде дека тоа ќе значи, два и пол пати поголем приход по жител- од сегашните 5.000 долари годишно да порасне на 12.000 долари на крајот на следната декада. Во новата програма, рече Груевски, за наредните десет години се предвидени мерки за преполовување на невработеноста кај младите, како и нови за стекнување на свој дом. Се планираат инвестиции, и странски и домашни, за отворање нови работни места. Со новата стратегија се предвидува Македонија да има најниски даноци во светот и двојно повисок стандард за граѓаните.
Граѓаните ќе ги поддржат ВМРО-ДПМНЕ за тоа што го направија, и она што го исполнија, но на изборите, вели Груевски граѓаните не само што ќе се изјаснат за кандидатите за градоначалници, туку ќе го кажат своето мислење и за работите што се случиле во изминатите четири месеци. Тој додаде дека СДСМ води политика спротивна на волјата на народот, рече дека договорот со Бугарија е штетен, посочи дека на ист начин се предвидува да се надмине и спорот со Грција. Груевски вели дека Битола и цела Македонија на 15 октомври, покрај тоа што ќе гласаат за градоначалници, ќе знаат дека кога го даваат гласот за градоначалникот и кога го даваат гласот за советничката листа го даваат и за новата ера за Македонија, за новата визија, за новото утро,
Кандидатот за градоначалчник на Битола, Зоран Илиоски порача дека иднината на Битола ја гледа во младите кои треба да останат. Рече дека домаќинското раководење на општината е еден од условите за развој и просперитет. Побара поддршка од битолчани за мандат, ги повика сограѓаните од речиси сите битолски маала.
Пред 4 и пол години, на овој плоштад излеговме пред вас со конкретна програма и ветување дека во наредните 4 години ќе реализираме 77 проекти, рече кандидатот за градоначалник на општината Ресен, Ѓоко Стрезоски. Успеавме да реализираме, не 77, туку над 180 проекти од витално и капитално значење, истакна Стрезоски. Инвестирани се речиси 40 милиони евра. Најави изградба на обиколница околу Ресен, реконструкција на улици и патишта, реализација на втората фаза од градскиот водовод, фекални системи и продолжување на изградбата на нови плажи на Преспанско Езеро како и подобрување на условите за развој на земјоделството, особено овоштарството .
Карванот на Коалицијата за подобра Македонија , претходно одржа митинзи и во Могила и Новаци. На митинзите говореа и претставници од Коалицијата „ За подобра Македонија“ кои ја побараа поддршката од граѓаните. Коалицијата ги промовираше програмата и проектите за општините .
Дијана Ценевска
