Заев: Градиме демократско општество за сите

05.10.2017 16:11

Карванот на коалицијата „Живот во Македонија“, предводена од СДСМ вечерва на митинг во Тетово. Синоќа ги претстави кандидатите во скопските општини Бутел и Ѓорче Петров. Заев побара поддршка за реализација на проектите...

„Победата тргнува оттука, ќе ја вратиме општина Ѓорче Петров на граѓаните, а заедно ќе го изградиме Скопје во модерен европски град. Сами ќе решавате што ќе се гради и каде ќе се трошат вашите пари“, рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев. Вети изградба на модерни и квалитетни патишта со паметни системи за јавни услуги. „Александар е борец за правда и ќе направи урбана општина. Ни треба вашата поддршка за да ја реализираме нашата визија за Скопје и за општина Ѓорче Петров. Скопје ќе биде град кој ќе работи за вас, модерен и урбан, организиран и внатрешно поврзан. Сите функции ќе ги насочува кон вашите потребии приоритети“, вети Заев.

Заеве рече дека државата ќе им помогне на општините во изградба на детски градинки, доизградба и реконструкција на училишта, а ќе работии за чист воздух и за чиста вода за пиење. Најави целосна поддршка за гасификација на општината.

Кандидатот за градоначаник на Ѓорче Петров, Александар Наумовски пред своите сограѓани вети гас во секоја куќа, средување на хаосот во сообраќајот, уредување на кејот на Лепенец, водовод до Никиштани, средување на депонијата во Ново Село, во Дексион нова амбуланта, градинка во Волково, отворен и затворен базен, автоматско улично осветлување, монтажна гаража спроти пазарчето, паркинг на местото на полициската станица.

Од митингот во Бутел порака дека општината заслужува да биде достоинствено место за живеење. Кандидатот за градоначалник, Велимир Смилевски вети реконструкција на училиштата и градинките, и градење нови, враќање на пензионерските клубови, инвестирање во спортот, прочистителна станица во Радишани, зелени пазарчиња.

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов рече дека во општината Бутел го минал своето детство. Скопје ќе стане град кој ќе ги поврзува сите скопски општини. Парковите ќе бидат наша светост, ќе градиме модерни сообраќајници, а услугите на граѓаните ќе бидат брзи, ефикасни и професионални“, рече Шилегов.

Коалицијата на СДСМ порача дека владата и надлежните институции ќе имаат нула толеранција за прекршителите на изборниот процес и повика на воздржаност за да не се стави дамка на изборите. Заев подвлече- градиме демократско општество за сите во европска и просперитетна Македонија.

Наташа Гркова- Петрушевска