Тропската бура „Нејт“ се движи кон САД, вонредна состојба во неколку држави
Тропската бура „Нејт“ усмрти дваесетина лица во Костарика, Никарагва и Хондурас. Викендов ќе стигне до копното на САД, веројатно во категорија на ураган. Властите почнаа евакуација на населението. Сезонава во Атлантикот се формираа шест тропски бури и осум урагани.

Вонредна состојба е прогласена во неколку средноамерикански држави каде што загинаа дваесетина лица. Сличен е бројот и на исчезнати луѓе. Тропската бура „Нејт“ предизвика поројни дождови, свлечишта и поплави кои блокираа патишта, уништија мостови и домови. 400 илјади жители на Костарика останаа без вода за пиење, а илјадници спијат во засолништа. Метеоролозите предупредуваат дека бурата ќе се засилува до степен на ураган од прва категорија пред да пристигне на јужниот дел од Соединетите Американски Држави на крајот на неделава.
„Прогласуваме вонредна состојба бидејќи оваа држава се подготвува за директен удар од тропската бура Нејт, која веројатно ќе стигне кај нас како ураган. Мобилизирани се 1300 припадници од Националната гарда, 15 одат кон Њу Орлеанс за да го надгледуваат системот за одводнување којшто е лабилен“, изјави Џон Бел Едвардс, гувернер на Луизијана.
Жителите на Флорида и Тексас се подготвуваат за уште едно, трето по ред, невреме годинава. Двете сојузни држави се уште се борат со катастрофалните последици од моќните урагани „Харви“ и „Ирма“, кои покрај огромниот број жртви, предизвикаа и материјална штета во милионски суми на Карипскиот архипелаг и на американското копно. Нафтените компании во Мексиканскиот Залив почнаа да го евакуираат персоналот од платфпормите кои лежат на предвидената траекторија на тропската бура „Нејт“.
Маја Филдишев
