Ердоган: Мерки против „паралелната држава“
16.02.2014 14:58
Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган изјави дека неговата Влада ќе спроведе законски мерки против „паралелната држава“ или „државата во држава“, за лицата одговорни за тоа да сносат одговорност.

Некои полициски службеници, обвинители и судии во државата добиваат наредби од други места. Во наредбите им се кажува да ги искористат сите мерки против Владата и да не се плашат, бидејќи одредени земји стојат зад нив, изјави Ердоган синоќа во Истанбул.
Ердоган истрагата за корупција, почната на 17 декември, ја смета за заговор против него, предводен од Фетхулах Гулен, чија мрежа следбеници има влијание во полицијата и судскиот систем. Заедницата на Гулен се дефинира како „паралелна држава“ од симпатизерите на турскиот премиер.
