Заев: Да ги заокружиме промените

06.10.2017 16:05

Карванот на коалицијата „Живот во Македонија“, предводена од СДСМ митингува во Македонски Брод и во Кичево, откако се претстави во Јегуновце и во Тетово. Заев рече- само заедничка Македонија има иднина, различностите се нашето богатство...

Мултиетничко Тетово ќе продолжи да ја испраќа пораката за мултиетничка Македонија, да ги дозаокружиме промените – порача лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на митингот во Тетово. Рече дека додека некој се обидувал да спречи некој градел мултиетнички раздор, не земајќи предвид што може да предизвика тоа, но заедно опстоивме додавајќи дека Тетово е пример за соживот во Македонија.

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз се осврна на подобрувањето на односите со соседите во изминатите четири месеци. Рече дека за истиот овој период се заштедени 45 милиони евра, пари кои се пренасочени кон граѓаните, а со дел од нив се обезбедило трајно покривање на придонесот кон стечајците. Рече дека додека се на власт покажале резултати и во Тетово, најавувајќи ја изградбата на капелата кај православните гробишта. Одобрени се пари за градба на гимназијата со што 12 паралелки на македонски јазик ќе се вратат во зградата во интегрираното образование. Рече дека следната година ќе се гради училиштето во Мала Речица, а се обезбедени пари и за чистење на депонијата на влезот на градот. Тој ја даде поддршката за актуелната и кандидатката за градоначалник на Демократската унија за интеграција Теута Арифи.

Носителот на советничката листа за општина Тетово, Живе Алексовски, вели дека има желба и визија да го подобри животот на сите граѓани, со што Тетово ќе стане град со кој сите ќе се гордеат. Рече дека ќе работи во решавање на проблемот со загадувањето, водата за пиење, сообраќајниот хаос во градот.

Социјалдемократскиот сојуз и коалицијата одржаа митинг и во Јегуновце. Заев најави дека Југохром повторно ќе работи со полн капацитет и по еколошки стандарди. Почната е изградбата на филтрите, а работниците ќе се вратат на работа во март или во април. Кандидатот за градоначалник на општина Јегуновце рече дека доколку ја добие довербата на граѓаните ќе го реши проблемот со водата за пиење, канализациската мрежа, дивите депонии, невработеноста.

Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од Социјалдемократскиот сојуз одржа средба со граѓаните во општините Теарце и во Брвеница.

 

Андријана Атанасовска