Груевски: Крај на помрачувањето во кое четири месеци живее Македонија
Карванот на коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ е во Крушево и Прилеп, откако се претстави во скопските општини Кисела Вода и Центар. Груевски најави нова ера за земјава по локалните избори, пониска невработеност, исполнување на ветувањата...

Центарци овој пат ќе знаат да распознаат квалитет, ќе знаат да препознаат личност што е стабилна, образована, дипломиран правник, реномиран кошаркар, сериозна и одговорна личност што држи до ветеното, вака лидерот на ВМРО- ДПМНЕ ја побара поддршката од Центарци за кандидатот за градоначалник од коалицијата „За подобра Македонија“, Дејан Јовановски. За Коце Трајановски рече, нема многу што да се зборува. Граѓаните го препознаваат по исполнување на ветеното. Покрај поддршката за кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ, Груевски на митингот побара од Центарци на 15-ти октомври да стават крај, на како што рече, помрачувањето во кое четири месеци живее Македонија. Да стават крај на потценувањето на народот и на овие избори што се повеќе од локални, граѓаните да се изјаснат и за секојдневните демонстрации на сила и насилство од, како што рече, новодонесената влада.
Додека тие уништуваа, ние макотрпно работевме на новата стратегија, наречена „Нова ера за Македонија“, рече Груевски. Вети отворање на 150.000 работни места, но и многу други проекти со кои ќе се намали невработеноста, со посебен фокус на младите. Груевски рече дека животот на граѓаните може да го променат само крупни економски придвижувања, многу реформи, многу инвестии и работни места, а не запирање на проектите што ги направило или започнало ВМРО- ДПМНЕ.
Центар во 21- от век не смее да биде општина каде што има неизградена инфраструктура. Пред вас, ветувам дека на 15- ти октомври кога ќе ја добијам вашата поддршка, Центар ќе стане ефикасна општина која ќе служи на граѓаните, рече на митингот кандидатот за градоначалник Дејан Јовановски. Паркирањето во Центар повеќе нема да ви го комплицира животот. Ќе изградиме монтажни паркиралишта, ќе покажеме грижа за сите категории на граѓани, пристапни рампи, нови клубови и пензионерски дом, пешачки зони, нови паркови. За најмладите Јовановски вети нова градинка во Маџир Маало, спортски и детски игралишта. Во делот на екологијата рече, ќе засадиме 30.000 садници, а покривите на зградите ќе бидат зелени оази. Јовановски вети поддршка за кошаркарскиот клуб „Работнички“.
Претходно Коалицијата „За подобра Македонија“ оддржа митинг и во општината Кисела Вода. Кандидатот за градоначалник Јохан Тарчуловски вети борба за Македонија. Изградба на третата фаза од најфреквентниот булевар „Борис Трајковски“, нови градинки, унапредување на спортот во општината со тоа што ќе ги наградиме најдобрите 100 ученици и ќе засадиме 8.000 садници, Тарчуловски ветии воведување на бесплатни градинки и дневен престој за децата од еднородителски семејства, мини детски игралишта во секое катче од урбаниот дел на општината. Ги повика граѓаните на 15-ти октомври да го дадат гласот за Новата ера на Македонија и за Кисела Вода.
На митингот во Кисела Вода својата програма ја претстави и кандидатот за градоначалник на Градот Скопје, Коце Трајановски. Реализиравме проекти, рече Трајановски, што го сменија ликот на Скопје, кои ја подобрија хигиената и проточноста во сообраќајот, го зголемија зеленилото, ја подобрија инфраструктурата. Трајановски пред Центарци вети дека има проекти кои ќе донеса нова ера за Градот Скопје, нова ера за сите 10 општини.
На митингот на Коалицијата „За подобра Македонија“ во Центар се случи инцидент кога 36- годишен Скопјанец испрска солзавец во правец на бината во моментот кога претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски држеше говор пред граѓаните. Од МВР информираат дека се поднесени прекршочни пријави и е издаден платен налог од 500 евра.
Викторија Милевска
