Пуџдемон: Ќе го примениме она што го налага законот
Седницата на каталонскиот Парламент е одложена за утре. Покраинскиот премиер Пуџдемон најави спроведување на резултатите од одржаниот референдум за независност. Унитарна Шпанија ќе постои, возврати Мадрид и премиерот Рахој...

Каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон изјави дека Каталонија ќе го примени законот за референдум, кој повикува на прогласување независност ако референдумот покаже дека повеќето гласачи се одлучиле за независност. Пуџдемон изјави дека прогласувањето независност е предвидено со законот за референдум како примена на резултатите.
Според каталонскиот закон, Парламентот на Каталонија би требало да прогласи независност на таа покраина во рок од 48 часа откако властите официјално ќе прогласат победа на гласовите во корист на отцепување. Владата соопшти дека повеќе од 90 насто гласачи кои излегле на гласање се изјасиле за отцепување од Шпанија, додека пак шпанските власти го прогласија референдумот за незаконски и соопштија дека излезноста изнесувала само 43 проценти.
Референдумот што се одржа на 1-ви октомври беше обележан со полициско насилство и голем број повредени граѓани и полицајци. Во деновите потоа стотици илјади луѓе во Барселона протестираа за независност, а речиси исто толку за единство.
„Со син ми зборувам на Ккаталонски, исто така и со моето семејство и сметам дека тоа е важно. Културното наследство не е само во сопственост на движењето за независност. И ние имаме права“- вели жител на Каталонија
Премиерот Маријано Рахој изјави дека Шпанија нема да биде поделена и дека националното единство ќе биде сочувано, додавајќи дека Шпанија ќе стори сѐ за да се обезбеди тоа со законски решенија.
„Ги уверувам луѓето дека владата ќе спречи прогласување независност. Шпанија ќе продолжи да биде Шпанија, и така ќе остане уште долго“, изјави шпанскиот премиер, Маријано Рахој.
Се очекува каталонскиот премиер Пуџдемон утре да му се обрати на Парламентот.
Марина Ристова
