Тактичка вежба на АРМ со боево гаѓање на Криволак

09.10.2017 16:47

Македонската армија на полигонот Криволак изведе тактичка вежба на офанзивни операции со боево гаѓање. Учествуваа повеќе од 800 војници. Своите вештини ги претставија пред врховниот командант и други високи гости...

Вежбата беше импресивна, покажавте подготвеност за соочување со најсериозните предизвици. Ова го потврдуваат и оценките што ги добивте кога учествувате во мировните мисии, им порача претседателот и врховен командат на оружените сили Ѓорге Иванов на припадниците на Армијата на Република Македонија кои на Криволак успешно ја изведоа тактичка вежба со боево гаѓање.

„Како Врховен командант секогаш сум настојувал да го добиете она што ви припаѓа. Вам ви се неопходни современи услови и современи средства за војување и спротивставување со предизвици кои се доминантни во 21-от век“, рече македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Армијата демонстрираше способности и вештини во брзо донесување на одлуки, координација на оган и маневар при извршување на задачите- оцени командантот на Првата механизирана пешадиска бригада.

„Нашата задача ја завршивме успешно, најпрвин реоценувањето, покажавме како се сака татковината“, изјави командантот Мирче Ѓоргоски.

Вежбата на која учествуваа повеќе единици од различни родови на АРМ се реализира по повод 25 години од формирањето на Македонската армија.

Тактичката вежба со боево гаѓање која се одвиваше денес на Криволак, заврши успешно. Во неа учествуваа 800 припадници на АРМ.

 

Викторија Милевска