БЕСА ги претстави проектите за Желино
Движењето БЕСА вечер на централен митинг во Куманово. Ќе ги претстави програмата и кандидатот за градоначалник. Претходно, БЕСА имаше митинг во Желино...

Желино ќе биде урбано и подобро место за живеење. Ќе ја подобриме инфраструктурата, ќе изградиме булевари, паркови за деца, градинки- изјави кандидатот за градоначалник на оваа општина од движењето БЕСА, Бљерим Сејдиу пред присутните на собирот. Рече дека ќе ги решава проблемите на граѓаните и ќе ги реализира дадените ветувања.
„Желино ќе стане урбана средина, подобра за живеење. Ние ги имаме сите проекти и го чекаме моментот да почнеме да ги реализираме. Ова е булеварот во центарот на Желино, но секако дека нема да биде единствениот. Ова се игротеки за деца кои предвидуваме да ги изградиме во селото Палатица, Желино, Стремница и во сите други села, освен во оние каде што нема простор за такво нешто. Желино ќе се промени како што се менува времето. Ова е градинка која предвидуваме да биде изградена во Желино. Уште една планираме да изградиме и во Групчин“, рече Сејдиу.
Лидерот на движењето БЕСА, Биљал Касами вели дека нивната мисија е да ги вратат младите во родниот крај. Желино ќе ги почувствува промените во наредните четири години - изјави Касами. Убеден е дека кандидатот на движењето БЕСА ќе биде нов градоначалник на оваа општина.
„Сите наши граѓани кои го напуштија родниот крај, натерани од корумпираните и неспособни политичари од претходната власт, тоа го кажавме и на претходните парламентарни избори, нашата мисија ќе биде да го запреме овој егзодус на заминување на младите Албанци во странство. Ние го докажавме тоа со пример, донесовме луѓе од странство да придонесат тука, ги враќаме младите да придонесат за нашата заедничка иднина. Бљерим е навистина најсоодветниот човек кој би можел да раководи со оваа општина, а Желино ќе го почувствува ова во наредните четири години. Желино ќе се промени и ќе се докаже дека е центарот помеѓу Скопје и Тетово“, нагласи Касами.
Од движењето БЕСА велат дека заканите не ги заплашуваат, ниту ги одвраќаат од нивната цел, бидејќи сметаат оти ја имаат поддршката од Албанците.
Андријана Атанасовска
