Груевски: Од граѓаните зависи по кој пат ќе тргне Македонија
Коалицијата „За подобра Македонија“ на митинзи во Валандово и во Гевгелија откако се претстави во Радовиш и во Струмица. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, никола Груевски, рече дека од граѓаните зависи по кој пат ќе тргне Македонија и оти тие заслужуваат подобро...

Само граѓаните на Македонија решаваат за заедничката иднина, за иднината на нивните градови и села и за иднината на нашата држава. Ние моќта и силата ги добиваме од Македонија и од народот на оваа земја. Нашата сила произлегува од нашата љубов кон народот и кон оваа земја. Ние сме партија на граѓаните на Македонија и ние сме гаранција за силна Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митингот на Коалицијата „За подобра Македонија“ во Струмица. Изјави дека остануваат уште само неколку дена и мигот на решавање од кој ќе зависи по кој пат ќе тргне Македонија. Вели дека нивната одлука е многу важна и конечна бидејќи тие го имаат последниот збор.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во изминатиот период од пет месеци се видела катастрофалната економска политика на владата.
Груевски смета дека имаме преполовени капитални инвестиции од буџетот што влијае врз падот на економијата. Според него, индустрија оди надолу, а градежништво тоне. Странски инвеститори планираат да си заминат, а нови нема. Извоз кој опаѓа, девизни резерви кои секој ден се топат. Просечни плати кои наместо да растат- опаѓаат. Пензии чиешто зголемување е укинато. Ова е сликата денеска, рече Груевски. За Струмица соопшти дека е општина со невработеност намалена за речиси 50 проценти за време на владеењето на ВМРО- ДПМНЕ.
Во периодот од 2006 година до 2016 година, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја зголеми вработеноста од 560.000 на 733.000 врабоени. Само во Струмица, бројот на вработени лица во 2006 изнесуваше 11.500, а на крај на 2016 беше 16.000, меѓу кои и 1.000 вработени во фабриката „Џонсон Контролс“, вели Груевски.
Реконструкција на градскиот плоштад, изградба на современ градски пазар на површина од 30.000 м2, со модерни продажни места и голем паркинг простор, изградба на булеварот „Климент Охридски“ на потегот од Жито Струмица до излезот на градот кон Валандово и нов булевар на потегот од улицата „Братство и единство“, покрај автобуската станица и поврзување до обиколниот пат Струмица – Ново Село, се дел од ветувањата на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Бајрактаров.
Од Коалицијата „За подобра Македонија“ го промовираа и новиот проект за бесплатен здрав оброк за учениците од прво до петто одделение во општините каде што ВМРО-ДПМНЕ ќе освои градоначалник и мнозинство во советот. Според нив со овој проект годишно за едно дете родителите ќе заштедат 5.400 денари.
Коалицијата „За подобра Макдонија“ ја претстави изборната програма и во Радовиш. Изборниот карван на ВМРО-ДПМНЕ оствари средба и со граѓаните од општините Босилево, Василево и Ново Село од струмичкиот регион, како и во општината Конче.
Игор Панов
