Заев: Промените ќе се заокружат со локалните избори

09.10.2017 17:05

Карванот на коалицијата „Живот во Македонија“, предводена од СДСМ на митинзи во Арачиново и во Гази Баба откако го одржа централниот собир во главниот град. Од Скопје, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев рече дека Македонија се менува и оти промените ќе се заокружат со локалните избори...

„Градиме општини кои ќе работат за вас. Општини што ќе поврзуваат. Градиме општество за сите! За граѓаните подеднакво, во нашата заедничка Македонија. Кога велам општини кои работат за вас, подразбирам тие да бидат места за живеење по ваша мерка“- рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, на централниот минтинг во Скопје. Вети дека ќе нудат навремени, точни и квалитетни услуги и ќе одржуваат чиста животна средина за чист воздух за дишење и чиста вода за пиење. Општините ќе бидат модерни, организирани, внатрешно и надворешно поврзани со модерни и квалитетни улици и патишта, дигитализирани системи за јавни услуги, јавен превоз кој функционира и побезбеден сообраќај, вели Заев. За да има еднакви можности за сите граѓани ќе се инвестира максимум во општините, а тимот што ќе го спроведе тоа е овде со граѓаните, рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Заев најави дека Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО Алијансата која ќе седи на иста маса со сојузниците и ќе носи заеднички одлуки за иднината на Македонија, Европа, и за безбедноста на целиот регион. Зборуваше за рационалното, како што рече, работење на новата Влада во интерес на граѓаните и посочи дека заштедените 45 милиони евра од непродуктивни трошоци завршиле во рацете кај граѓаните, за повисока плата, за финансиски надоместок на стечајните работници, воведување на дневна евтина тарифа на струјата, за укинување на Радиодифузната такса. Најави и набавка на амбулантни возила за клиниките во Македонија. Рече дека со 200.000 евра што биле заштедени во последните неколку дена се набавени 20 инкубатори за новороденчиња.

Град на граѓаните, многу повеќе зеленило, нови сообраќајници, подобро поврзани општини, неизбежната гасификација и чист воздух... Вака, кандидатот за градоначалник на Скопје Петре Шилегов ја побара поддршката од граѓаните. Вети дека во својот мандат ќе го направи Скопје европски град.

Еден од приоритетите, рече кандидатот за градоначалник на Скопје Шилегов, ќе биде граѓаните на Скопје да можат со велосипед на посебна патека да стигнат од Кисела Вода, преку Карпош до Ѓорче Петров и од Бутел низ Чаир до Центар. За да се намали загадувањето, ќе се набавуваат еколошки автобуси. Тој најави нова мерка која што рече, ќе значи иднина за генерациите што доаѓаат.

На овие локални избори се решава за иднината на Македонија, рекоа од коалицијата „Живот во Македонија“. Велат дека одат во уште една демократска победа низ цела Македонија, и на 15-ти октомври да се заокружат промените.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска