Државниот инспекторат го презентира извештајот за состојбите на Клиниката за гинекологија
Директорката се пожали на недостиг на кадар. Докторката во чие дежурство починаа четири новороденчиња, доби намалување на платата за 30 насто и работа под надзор од колегите.

На скопска Гинекологија релативно лоши здравствено- санитетски услови. Државниот здравствен и санитарен инспекторат излезе со извештајот. Директорката се пожали на недостиг на кадар. Докторката во чие дежурство починаа четири новороденчиња, доби намалување на платата за 30 насто и работа под надзор од колегите.
„На одделението за интензивна нега и постинтензивна нега, за време на надзорот е констатирано дека има зголемен обем на работа, во однос на просторните и кадровските капацитети, како и во однос на опремата. Сместени се по две новороденчиња во еден инкубатор. Клиниката располага со капацитет од 25 новородени, а во време на надзорот, хоспитализирани се 49“, соопшти директорката на Државниот инспекторат, Ирина Бухова.
Како што соопшти директорката на Гинеколошко- акушерската клиника, Викторија Јовановска, многу е важна и динамиката на обновување на кадарот.
„Последниот анестезиолог е примен пред 15 години, така што анестезиолози, педијатри, интензивисти, неонатолози, не можеме да најдеме преку ноќ“, рече Јовановска.
Од почетокот на годината до 30-ти септември на Клиниката за гинекологија и акушерство во Клиничкиот центар во Скопје починале дури 127 новороденчиња.
