Низа нерегуларности на скопска Гинекологија
По две бебиња во еден инкубатор. За девет месеци починале 127 новороденчиња. Низа недоследности во просторните и кадровските услови и опременоста. Државниот инспекторат излезе со извештајот за Гинекологија. Директорката Јовановска се пожали на недостиг од кадар...

На скопска Гинекологија во еден инкубатор лежеле по две бебиња. Клиниката која е со капацитет за 25 бебиња, во моментот на увидот имала згрижено 49 новороденчиња. Ова го констатирал Државниот здравствен и санитарен инспекторат. За да се реши проблемот ќе се набават 20 инкубатори – 15 за Клиниката, а останатите пет за болниците во внатрешноста. Поради дефицит на кадар, директорката Викторија Јовановска вели – ќе се вработуваат медицински сестри, анестезиолози и педијатри.
„Многу е битна и динамиката на обновување на кадарот. Последниот анестезиолог е примен пред 15 години, така што анестезиолози, педијатри, интензивисти, неонатолози, не можеме да најдеме преку ноќ“, вели Јовановска.
Инспекцијата утврдила и дека недостига кадар и во цитолошката лабораторија. Двајца патохистолози дневно вршеле од 30 до 40 прегледи по доктор, а добивале од 350 до 400 материјали од матичните гинеколози од целата држава.
„Во големиот број на резултати кои се издаваат од Клиниката, ќе имаат потпис само од лаборантот, затоа што бројот на патолози не овозможува детален преглед на секој материјал и од патохистолог“, изјави Ирина Бухова, директор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Заклучно со 30-ти септември на скопска Гинекологија починале 127 бебиња. За последниот случај со смртта на 4-те бебиња, дежурната лекарка заработи дисциплинска мерка, 30 насто помала плата и работа под надзор на колегите.
Анита Димитријевска
