Заев: Власта ќе им служи подеднакво на сите граѓани
Коалицијата „Живот во Македонија“ во Радовиш и Струмица откако се претстави во Арачиново, Петровец и во Гази Баба. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев рече дека испраќаат пораки за заедништво, мултиетничност и соживот и оти отвораат нови перспективи...

Испишуваме историја, градиме едно општество за сите, носиме живот еднаков за сите- рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев на митинзите на коалицијата „Живот во Македонија“ во Гази Баба и во Арачиново. Македонија отвора нови перспективи, а власта ќе им служи подеднакво на сите граѓани. Заедничка, единствена, сплотена Македонија е нашата иднина, рече Заев. Вистинските проблеми на граѓаните се исти за сите, а тоа се условите за живот. Да покажеме дека сме подготвени сплотено и единствени да работиме за заедничка иднина на нашите деца. Само вербата и сплотеноста ќе донесат просперитет- рече Заев и додаде дека дошло време за промени.
На 15-ти октомври ќе се гласа за иднината на младите, за иднината на најмалите, рече Заев. Истакна дека локалните самоуправи се премногу важни. Според него, Гази Баба е една од најслабо комунално- инфраструктурноо рганизираните општини и дека е недозволиво да нема канализација и питка вода. Лидерот на СДСМ најави дека централната власт ќе ја поддржи гасификацијата на општината, изградбата на ново училиште и амбуланти, како и капитални инвестиции во водоводната и канализационата мрежа.
Кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов рече дека треба секој граѓанин на Скопје да има сопствено дрво на иднината. Затоа рече, преку нова мерка на скопјани ќе им се овозможи да засадат дрво за секое новородено дете. Тој што не може да го разбере дрвото, рече, тој не може да ја разбере иднината. Овде се нашите корени, овде е нашата убавина.
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски, рече дека заедничка желба и мисија е Гази Баба да стане модерно и современо место за живеење, општина која ќе биде отворена за сите граѓани.Тој рече дека ја знае секоја педа од својата општина и дека има решение за сите проблеми, за животот да стане подобар.
Кандидатката за градоначалничка на Арачиново, Миликије Халими рече дека оваа општина е барометар дали Македонија е на вистинскиот пат. Патриотизам рече се нови работни места, канализации, училишта, градинки, патишта, тоа значи подобар живот.
Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од Социјалдемократскиот сојуз, одржа средба со граѓаните во општините Илинден и Петровец, на кои им ги претстави проектите од изборната програма за локалните избори.
Дијана Ценевска
