БЕСА вети подобар живот во Куманово

10.10.2017 16:16

Движењето БЕСА на средби со граѓани во Липково откако имаше митинг во Куманово. Кандидатот за градоначалник на оваа општина, Дритон Сулејмани вети нови инвестиции за подобра инфраструктура и образование.

Инвестиции во инфраструктурата, образованието и во спортот - најави кандидатот на Беса за градоначалник на Куманово, Дритон Сулејмани. Тој ја побара довербата од членовите, симпатизерите, граѓаните. Им вети дека ќе го подобри животот во градот во сите сфери на општетсвеното живеење.

„Имаме проекти од инфраструктурата: решавање на сообраќајниот метеж во Куманово со изградба на кружни токови, проширување на постојните булевари. Програмата со која настапуваме на овие избори е конкретна, со проекти кои планираме да ги завршиме во период од четири години. Предвидена е и изградба на три кружни тока: на влезот од градот, вториот кај зелениот пазар и третиот кај улицата „11 Октовмри“. Сметаме дека на овој начин ќе придонесеме да се олесни движењето во Куманово. Предвидено е и продолжување на булеварот „Октовмриска револуција“, поврзување со автопатот и со улиците кои водат кон село Лопате. Имаме проекти и од сферата на образованието, целосно реновирање на училиштата, вклучително и на средните. Во програмата за младите е предвидена изградба на мултифункционални спортски терени, како и изградба на три детски градинки и на младински културен центар. Ја барам вашата доверба за Куманово, ја барам довербата зашто имаме капацитет и програма градот да стане поубав и помодерен“, изјави Дритон Сулејмани, кандидат за градоначалник на БЕСА за Куманово.

Со нашето доаѓање на чело на општина ќе ги решиме проблемите во градот – рече Сулејмани. Очекува Кумановци на 15 октомври да го заокружат бројот 14. На митинигот на движењето БЕСА во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“, говореа и кандидатите за советници, претставници од локалниот огранок на Беса кои побараа поддршка за движењето на овие локални избори, а свое обраќање имаше и членот на раководството на партијата Африм Гаши.

 

Наташа Јанчиќ