Груевски: ВМРО-ДПМНЕ е гаранција за силна држава
Коалицијата „За подобра Македонија“ на митинзи во Гази Баба и во Шуто Оризари, откако се претстави пред жителите на Валандово и на Гевгелија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски рече дека на 15-ти октомври се решава дали ќе почне нова ера во Македонија...

ВМРО-ДПМНЕ е партија на граѓаните на Македонија и е гаранција за силна држава. Политиката на партијата произлегува од проекти и решенија. Ја нудиме новата ера во која нема да има неасфалтирана и неосветлена улица, ќе има парк во секое маало, 150 илјади нови работни места за наредната декада, намалување на невработеноста под 10 проценти, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митингот во Гевгелија.
Според него, во изминатиот период од пет месеци видлива била, како што ја нарече, катастрофалната економска политика од Владата при што биле преполовени капиталните инвестиции, индустријата одела надоле, а градежништвото тонело. Вели, сиромаштија расте, граѓаните ја губат сигурноста, афери кои се случуваат на дневна основа.
„Ветуваат воздух и живот, но апстракно. Ние испорачуваме резултати и ќе продолжиме да создаваме“, рече Груевски и најави стекнување сопствен дом и отпис на долгови за социјално- загрозените семејства, кој би опфатил околу 35 иладји приматели на социјална помош и приматели на посебен додаток.
„Вие го имате последниот збор, запомнете дека само граѓаните на Македонија, вие решавате за заедничката иднина, за иднината на нашите градови и за иднината на нашата држава“ - рече Груевски.
„Нема да дозволам во Гевгелија моите сограѓани да живеат во страв и ќе се борам да го спречам тоа“- рече кандидатот за градоначалник, Иван Франгов. Од своите сограѓани побара поддршка за трет мандат, за како што рече, Гевгелија да ја направат уште помодерна општина и поубаво место на живеење.
„Зад мене во двата мандата се реализирани 500 проекти. Во програмата понудив уште околу 200 нови. Ќе работиме на нулта невработеност“- рече Франгов. Вети- доизградба на водоснабдителнниот систем, на училници таму каде што се неопходни, регулација на коритото на Сува Река, изградба на западен булевар, базен.
По четврти пат поддршка од сограѓаните побара Николче Чурлиновски, кандидат за градоначалник на Валандово. Рече дека во изминатиот период докажале дека успесите се достижни и биле поставени нови вредности и стандарди во општината.
Поддршка за кандидатите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ побараа и коалициските партнери.
Наташа Гркова- Петрушевска
