Македонија го празнува 11 Октомври- Денот на антифашистичкото востание
Централниот настан ќе се одржи претпладне пред Споменикот на ослободителите на град Скопје. Владини и собраниски делегации ќе положат цвеќе и пред спомен-обележјата во Прилеп и Куманово...

Седумдесет и шест години од почетокот на антифашистичкото востание и Народноослободителната војна ќе бидат одбележани со повеќе настани организирани од Владата, Собранието, Сојузот на борците и општините Прилеп и Куманово.
Централниот настан ќе се одржи претпладне пред Споменикот на ослободителите на град Скопје, во дворот на Владата. Венци со цвеќе пред споменикот ќе положат делегации на Сојузот на борците предводена од Никола Стојановски, на Владата предводена од премиерот Зоран Заев, на Собранието предводена од пратениците Јулиана Николова и Диме Велковски, делегација на АРМ предводена од заменик началникот на Генералштабот, генерал-мајор Мухамет Рацај, како и други делегации на државните институции и од дипломатскиот кор. Предвидени се и кратки обраќања на Стојановски, Заев и Рацај, како и настап на Воениот оркестар на АРМ.
Владини и собраниски делегации ќе положат цвеќе и пред спомен-обележјата во Прилеп и Куманово - градовите во кои во 1941 година почна народниот отпор против фашизмот. Владината делегација во Прилеп ќе ја предводат вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, а собраниската пратениците Кети Смилеска и Хари Локвенец. Тие ќе положат цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто и Кузман Јосифовски Питу, како и на спомен-обележјето Могила на непобедените. Кај Спомен-костурницата во Куманово владината делегација ќе ја предводи вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а собраниската пратеникот Мирослав Јовановиќ.
Традиционално по повод празникот, во Собранието на Република Македонија напладне ќе биде врачена државната награда „11 Октомври“. Годинашни лауреати се музичарот Влатко Стефановски, кој ќе ја добие наградата за животно дело во областа на културата и уметноста, и историчарот проф. д-р Амет Шериф, кому наградата „11 Октомври“ му се доделува за животно дело во областа на науката и образованието.
Организираното востание почна во 1941 година кога Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12-ти октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
