Сончево време, температура до 27 степени

12.10.2017 09:48

Периодот на стабилно и сончево време ќе продолжи и во петок како и во текот на викендот, а од понеделник на места температурите ќе бидат натпросечни за овој период од годината.

Во Македонија денеска ќе биде претежно сончево, наутро свежо, преку денот потопло. Ќе дува слаб северозападен ветер. Утринската температура ќе се движи од минус еден до седум, а дневната од 20 до 27 степени. Во Скопје ќе биде сончево со температура од четири до 24 степени.

Во наредните денови продолжува периодот на сончево време со постудени утра, а дневните температури ќе бидат во пораст. Во сабота повремено ќе дува засилен северен ветер, а дневната температура благо ќе опадне, но од недела повторно ќе биде во пораст. Во почетокот на наредната работна седмица се очекуваат и натпросечни дневни температури за овој период од годината.