Груевски: На изборите се одлучува каква иднина ќе има нашата држава
Коалицијата „За подобра Македонија“ финалниот митинг го одржува во Скопје, откако се претстави во Аеродром и Велес. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски рече дека на изборите се одлучува каква иднина ќе има нашата држава. Вети ниски даноци, поголеми плати, пензии и субвенции...

Нашата задача е создавање дела, нудење решенија наместо празни зборови. Никогаш не се откажувамe, зашто патот мора да се изоди, идејата мора да се живее. Секој чекор направен остава трага, се додека постоиме, ќе работиме за подобра сегашност и подобра иднина, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митингот во Велес. Вели- работевме напорно за заслужена награда и субвенции за земјоделците, за младите да добијат подобро образование со намалена партиципација, за пензионерите да живеат поспокојни и посреќни пензионерски денови и да имаат повисоки пензии.
Работевме напорно за поквалитетно и подостапно здравство, работевме напорно луѓето да добијат работа, секојдневно се боревме за посилна економија, повисок стандард и подобар живот за сите во македонија, посочи Груевски. Нашето разбирање е дека народот е на прво место, наша цел е да ги зголемиме квалитетот на животот и животниот стандард на сите граѓани, секој граѓанин да ги достигне стандардите на развиените земји, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Според Груевски, она што се случи во последнице пет месеци во Македонија е вистинско помрачување кое длабоко навлегло во секој сегмент.
Груевски најави намалување на невработеноста под 10 проценти, повеќе пари по глава на жител, најниски даноци, повисоки плати, пензии, субвенции. Нова ера во која учениците од прво до петто ќе имаат бесплатен здрав оброк во училиштата, отпис на долгови за вода и комуналии за социјално ранливите домаќинства. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави и можност за стекнување сопствен дом, локации и земјиште за изградба на куќи по почетна цена од едно евро за квадратен метар.
„Велешани знаат дека зад нас се делата“- рече кандидатот за градоначалник Славчо Чадиев. Вели оти има реализирано 370 проекти за подобар живот на сите граѓани. Ја претстави својата програма и вети нови 148 проекти.
Коалицијата „За подобра Македонија“ одржа и митинг во скопски Аеродром. Кандидатот за градоначалник Ивица Коневски ги претстави проектите, најави пет нови градинки, училиште, парк, спортска сала, нов тениски центар, најсовремен фитнес центар, изградба на затворен пливачки базен со олимписки димензии.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски ја побара поддршката и рече дека изминативе осум години е направено многу во Аеродром. За новата изборна програма вели оти содржи голем број проекти за подобро утре за жителите на оваа општина.
Ана Јосифоска- Тодоровска
