Заев: Граѓаните в недела гордо да излезат на гласање
Карванот на коалицијата „Живот во Македонија“ на последниот ден од кампањата во Струга и во Охрид, откако се претстави во Пробиштип и во Штип. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев рече дека го ставаат на располагање целокупниот капацитет, побара граѓаните в недела гордо да излезат на гласање.

Ќе направиме сѐ за да се гордееме со нашиот Штип. Одлуката е едноставна, за два дена, рано наутро, гордо со исправено чело да излезете на гласачките места. Јасна е одлуката овде во Штип. Немојте, штипјани, да ја пропуштите оваа шанса, таа е неповторлива, рече на митинг пред членството и симпатизерите, лидерот на СДСМ и Коалицијата „Живот во Македонија“, Зоран Заев.
Порача дека Штип ќе ја добие поддршката за капиталните проекти за да се врати сјајот и местото коешто го заслужува овој град.
Го давам својот збор, заедно со Благој Бочварски и мнозинството од овој совет предводени од Ален Георгиев, ќе го гасифицираме Штип. Штип може да блеска и повторно да биде гордост на Македонија, рече Заев.
Тој изјави дека во буџетот има пари, но потребни се чесни политичари. За неполни четири и пол месеци, рече, заштедени се 45 милиони евра, а само од еден тендер од РЕК Битола се заштедени 6 милиони евра, и токму преку таа заштеда, додаде, парите се враќаат со повторното воведување на евтината тарифа на струјата за домаќинствта, кои ќе заштедат околу 8 милиони евра.
На младите им порача да не се иселуваат од Штип, бидејќи Владата и за нив предвидува мерки за вработување, средства за магистрирање и докторирање на универзитети, а ќе обезбедува и пари за младите земјоделци. Покрај тоа што деновиве беше најавено дека во буџетот за 2018 година е предвидено зголемување на платата на припадниците на АРМ за 10 проценти, Заев најави и зголемување на платите во јавното здравство.
Кандидатот за градоначалник на СДСМ за Општина Штип, Благој Бочварски истакна дека тој како млад човек нема резервен пасош и ќе остане во градот заедно да се бори и да го направи Штип современ град. Ќе изградиме уште еден вистински капитален проект, а тоа е браната на река Отиња, вештачко езеро со цел намалување на летните температури, за спорт и рекреација, но и за заштита на градот од поплави. Ова ќе го направивме со поддршка од централната Влада.
Јас нудам изградба на аква- парк преку јавно приватно партнерство со отворен и затворен базен, сала за боречки спортови, пешачки и велосипедски патеки, рече Бочварски.
Коалицијата за живот ја претстави програмата за градоначалник на Пробиштип, Драган Анастасов, како и советничката листа за оваа општина.
Претходно изборниот карван на коалицијата предводена од СДСМ оствари средба и со граѓаните на Кратово и Карбинци, каде што им беше понуден концептот за локалниот економски развој на регионот.
Игор Панов
