Локални избори 2017: Од полноќ изборен молк
Финални пораки до електоратот на кандидатите за градоначалници, советници, партиските лидери. Завршува дваесетдневната кампања. Од полноќ, изборен молк..

Завршни митинзи и средби со граѓаните на партиите и кандидатите за градоначалници и советници пред изборниот молк што почнува на полноќ. Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ ќе одржи митинзи во Струга и во Охрид. Претходно ќе одржи средби со жителите на Дебарца и на Вевчани.
Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, завршниот митинг ќе го одржи во Скопје. Демократската унија за интеграција, партиската програма ќе ја презентира во неколку општини. Движењето БЕСА ќе одржи средба со жителите на скопската општина Чаир.
Доверливиот материјал е доставен до општинските изборни комисии. Гласачките места се отвораат в недела во седум, а се затвораат во 19 часот. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје.
На шестите по ред локални избори, во трка се околу 800 кандидати за градоначалници од 19 политички партии и коалиции. Самостојно настапуваат 64 независни кандидати.
Народниот правобранител отвори телефонски линии за пријавување повреда на избирачкото право. Од канцеларијата на омбудсманот предупредуваат дека е важно да се почитува правото на слободно изразување на волјата на граѓаните и апелираат сите, особено надлежните органи, да придонесат за слободни и фер избори.
Европската унија ги охрабрува политичките лидери, нивните партии да го искористат изборниот процес за да ја потврдат и покажат својата посветеност на демократските вредности и владеење на правото, се наведува во заедничката изјава на делегацијата на ЕУ и на амбасадите на земјите- членки на Унијата во Македонија, во пресрет на локалните избори.
Ги повикуваме политичките лидери и партиските членови да овозможат одржување на избори без заплашување и насилство, да се направи јасна поделба меѓу државните и партиските активности за време на и по изборите, стои во дописот.
