Заев на средба со претставници на Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа

16.10.2017 11:05

Средбата на премиерот Заев и на владините министри за внатрешни работи и за правда, се остварува како редовна пракса на Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа...

Премиерот Зоран Заев прими делегација на Комитетот за превенција од тортура, предводена од Претседателот на комитетот, Микола Гњатовскиј, кој беше придружуван од раководителот на еден од секторите во ова тело на Советот на Европа, Хју Четвинд.

Премиерот Заев, заедно со министрите за внатрешни работи и за правда, Оливер Спасовски и Билен Саљији, како и со заменик министерот за правда Оливер Ристовски и директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ, ги запознаа претставниците на Комитетот за превенција со сите активности што ги презеде новата влада за реформи во сите одделни сегменти на системот за спроведување истраги, на мерката притвор, како и на судските процеси и во делот на извршување на затворските санкции, во кои досега се констатирани забелешки за тортура, злоупотреба на овластувања и нехуман однос на претставниците на институциите кон осомничените или осудените лица.

Во соработка со институциите надлежни за оваа сфера, и особено со граѓанските организации и независните институции за човекови права, какви што се Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права, ги поставивме приоритетите и роковите. За некои од нив се договоривме да ги решиме уште во првите шест месеци од нашиот План 3-6-9, и ние нема да отстапиме од овие одредници, рече премиерот Заев на средбата со Гњатовскиј и Чедвинд, соопшти владината прес- служба.

Претседателот на Комитетот Микола Гњатовскиј, му оддаде признание на премиерот Заев за првите позитивни чекори и мерки за промени во истражните и затворските постапки и процедури во Република Македонија, и му пренесе дека посетата на премиерот на затворот Идризово, и изјавата после посетата, биле исклучително позитивно примени во Стразбур.

Гледаме дека имате јасна претстава што ви претстои и што треба да се направи. За нас во комитетот во Стразбур е многу важно да воспоставиме  и да го одржуваме отворениот дијалог и соработка за овие прашања, особено заради искуството со претходната владина гарнитура која не исполни ниту едно од ветувањата и не имплементираше ништо од нашите препораки кои произлегоа од загрижувачките услови во затворските институции, како и во постапките на полицијата, забележа Претседателот на Комитетот за превенција од тортура.

Средбата на премиерот Заев и на владините министри за внатрешни работи и за правда, се остварува како редовна пракса на Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа, пред објавување на редовниот годишен извештај кој оваа година се очекува во ноември.