Тевдовски: Македонската економија ќе закрепне и ќе почне да се движи напред

16.10.2017 11:13

Креаторите на политиките очекуваат дека ќе има стабилизација на економската активност. Министерот за финансии, Драган Тевдовски учествува на годишните средби на Светска банка и на ММФ.

Политичката нестабилност го забави растот. Сепак, креаторите на политиките очекуваат дека ќе има стабилизација на економската активност. Министерот за финансии, Драган Тевдовски учествува на годишните средби на Светска банка и на ММФ.

„Министерството за финансии годинава имаше најконзервативна проекција на економски раст во споредба со релевантните институции како ММФ, додека за догодина тие се совпаѓаат, односно се проектира раст повисок од 3 отсто. Очекувањата се дека македонската економија ќе закрепне и ќе почне да се движи напред. Ние во моментот сме силно посветени на реформите, а приоритет на Владата се и евроатланските интеграции. Сметаме дека тие на среден рок ќе го интензивираат растот“, изјави министерот Тевдовски во интервју за „Гласот на Америка“.

Транспарентниот и чесен пристап на Владата, како и приближувањето кон НАТО ќе донесе дополнителни странски инвестиции во земјава. Активно се работи на проект за поврзување на домашни и странски компании од автомобилската индустрија со што ќе се обезбеди повеќе работа и домашните фирми, истакна министерот Тевдовски во интервјуто.