Мадрид притиска, Барселона тактизира
Лидерот на Каталонија, Пуџдемон бара продолжување на рокот за дијалог со шпанските власти кои му се заканија со целосно преземање на власта доколку не прецизира дали официјално прогласил независност. Се претпоставува дека Мадрид ќе му даде рок до четврток да се премисли пред да преземе нареден чекор за активирање на член 155.

Наместо конкретен одговор, каталонскиот претседател Карлес Пуџдемон побара уште два месеца за дијалог со владата во Мадрид откако премиерот на Шпанија, Маријано Рахој му постави ултиматум да ја разреши дилемата околу прогласувањето независност. Минатата недела, Пуџдемон ја потпиша, па ја блокираше декларацијата за отцепување од Шпанија за да добие повеќе време за разговори со неистомислениците од централната власт. Во писмото до Рахој, каталонскиот лидер нагласува дека со овој потег се докажуваат подготвеноста и волјата за решение, а не за судир. Незадоволни од документот во кој не се наведени мерките што планира да ги преземе регионалната влада за да ги исполни барањата на Мадрид, властите веројатно ќе му дадат рок на Пуџдемон до четврток да се премисли пред да се активира член 155 од Уставот, кој досега не бил спроведен во демократска Шпанија, а дозволува воспоставување директна контрола во време на криза.
И покрај различните идеологии, политичарите во Мадрид и во Барселона се едногласни дека е потребно мирно решение на спорот кој ја предизвика најсериозната криза во земјата во последните неколку децении.
„Владата на Каталонија треба да даде решение. Секогаш е подобро да тропнете, отколку да ја треснете вратата. Историјата го покажа ова. Каталонија и Шпанија се зависни една од друга“, изјави Жозе Луис Родригез Запатеро, поранешен премиер на Шпанија.
„Каталонците се изјаснија за независност. Претседателот Пуџдемон нема да биде сам. Ние нема повторно да гледаме како наш лидер извикува „Да живее Каталонија“ пред да биде погубен“, изјави Габриела Сера, пратеник во парламентот на Каталонија.
Контроверзниот референдум на први октомври, на кој 90% од каталонските гласачи се изјаснија за самостојност од Шпанија, беше прогласен за неважечки од Уставниот суд. Изборниот ден мина со серија насилства, инциденти и апсења откако полицијата по наредба од Мадрид интервенираше на неколку локации.
Маја Филдишев
