ЗОИ 2014, Сочи, хокеј на мраз (мажи)

Шведска најдобра по групната фаза, на повидок 1/4-финале: Русија-Финска

16.02.2014 20:55

Канада ја победи Финска со 2-1 со голот на Даути по двеипол минути игра во продолжението, но и двете репрезентации пропуштија голема шанса со триумф...

Канаѓаните се први во групата Б, но само трети во вкупниот поредок, зад Шведска и САД, победниците на групите Ц и А, коишто имаат подобар биланс. Тоа ќе има влијание на четвртфиналните двојки, според кои Канаѓаните ќе вкрстат со победникот на плеј-оф дуелот Швајцарија-Летонија, додека застрашувачки за Финците е што во фазата на осумте најдобри речиси сигурно ќе наидат на селекцијата на домаќинот Русија, којао ќе биде и повеќе од апсолутен фаворит во плеј-оф мечот со Норвешка.

По поразот од САД, Русите денеска на пенали ја совладаа Словачка со 1-0 и се втори во групата А, зад Американците, коишто славеа над Словенија со 5-1. Претходно, Австрија го избегна дното во групата Б, со победата над Норвешка од 3-1.

Утре е слободен дел на машкиот, а ќе бидат одиграни полуфиналните средби на женскиот турнир. Во вторник, дерби на плеј-оф рундата ќе биде Чешка-Словачка. Победникот ќе оди на Американците ден подоцна во четвртфиналето. Финска ќе го чека епилогот на дуелот Русија-Норвешка, Канада ќе внимава на средбата Швајцарија-Летонија, а Шведска ќе биде заинтересирана за епилогот на двобојот Словенија-Австрија.