Локални избори 2017

СДСМ прогласи победа, за ВМРО-ДПМНЕ изборите со низа нерегуларности

16.10.2017 16:46

СДСМ и коалицијата прогласија победа на локалните избори. Зоран Заев од новите градочалници побара чесност, одговорност и посветеност во работата. За ВМРО-ДПМНЕ изборите минале со низа нерегуларности и притисоци. Највисока одговорност за резултатите ја имам како претседател на партијата, рече Груевски. ДУИ и БЕСА се прогласија за победници во албанскиот политички кампус.

Изборите беа исклучително фер, демократски и регуларни. Победија сите, со слободно изразената волја и се даде поддршка на едно општество за сите, и за раст и развој, оцени лидерот на СДСМ Заев по објавувањето на првичните резултати од гласањето. Пред Владата рече дека коалицијата предводена од СДСМ победила во 40 општини, и дека очекува трендот да  продолжи таму каде што не успеале уште во првиот изборен круг. На новите градоначалници им порача дека завршила ерата на локални шерифи и апелираше на чесност, посветеност и одговорност пред граѓаните.

„Сега повеќе нема изговори, засукување ракавите и работа, за сите граѓани подеднакво на сите краишта од нашата убава Македонија. Препорачувам на сите носители на јавни функции и на локалната власт и на централната власт, внимателно да си го слушаме нашиот народ, нашиот народ знае што е исправно и нашиот народ знае што е приоритет. Ветивме ќе бидеме сервис на граѓаните, ќе извршуваме како тие ќе диктираат и по кои ноти тие ќе свират, а ние има да слушаме и да работиме. Одговорно и посветено со почит кон секој граѓанин, без разлика дали гласал за победничката партија или не. Ние сме одговорна локална и централна власт пред сите граѓани“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Во предизборието и на денот на гласањето имаше низа нерегуларности, кршење на изборниот законик, закани и притисоци врз кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, што придонесе за водство или некаде за победа на СДСМ, оцени лидерот на опозициската партија Никола Груевски. Најави дека ќе поднесат жалби за сите нерегуларности, но и дека ќе се анализира што е  причината за изборните резултати. Груевски потенцира дека како претседател на партијата има најголема одговорност за резултатите од изборите.

„Полицијата беше најголем заштитник и поддржувач на овие активности и ставена во партиска функција. Од многу страни добивме информации за огромен број обиди за директен поткуп на гласачи. Секако, продолжи и црната кампања, а скоро и да немаше ден да нема неоснована кривична пријава за некој наш кандидат за градоначалник или актуелен градоначалник. За сите нерегуларности, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе претставки и жалби до соодветните органи. По завршување на изборите, ќе следи анализа на изборите, ќе се изанализираат сите аспекти на денешните резултати, со цел да се утврди, покрај сите масовни нерегуларности, што друго беше од наша страна недоволно добро или погрешно направено, заради што не добивме подобар резултат на овие избори. Јас како претседател на партијата, секако имам највисока одговорност“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Демократската унија за интеграција објави победа во Кичево и во Пласница. Во вториот изборен круг интегративците ќе се борат за градоначалнички места во Тетово, Чаир, Гостивар и во Сарај. Како што изјави шефот на изборниот штаб Арбр Адеми, ДУИ останува најголема политичка партија на Албанците во Македонија. И движењето БЕСА се прогласи за победник на локалните избори. Ние сме првата политичка партија кај Албанците во Македонија, изјави Билал Касами.

„Дозволете ми да ги потврдам над 100.000 гласови на граѓаните за ДУИ и за листите за советници на нашата партија и за кандидатите за градоначалници одделно. Оваа убедлива победа ви припаѓа вас и ние ја искажуваме нашата благодарност“, рече Адеми.

„Политичката сцена е реконфигурирана, затоа што најголема партија од страна на Албанците е БЕСА. Во најмногу од општините одиме во вториот круг, што не прави сериозен претендент да ги добиеме сите овие општини“, изјави Биљал Касами, претседател на движењето БЕСА.

Генералната оцена и на другите политички партии е дека изборите поминале добро, со помали неправилности, што не го загрозиле изборниот процес.

 

Милчо Велески