Јавно обвинителство

За 13 настани поврзани со изборниот процес се води предистражна постапка

16.10.2017 14:31

За 13 настани поврзани со изборниот процес се води предистражна постапка, од кои за шест има основано сомнение за сторечно кривично дело, а за другите сѐ уште се собираат докази...

За изборни нерегуларности се отворени предистражни постапки во Основните обвинителства во Скопје, Битола и во Кочани. Според Привремената комисија во Јавното обвинителство за следење на изборни нерегуларности, во сите овие предмети постоело сомневање за поткуп при избори, злоупотреба на избирачко право и други кривични дела.

„Секаде каде јавните обвинители оценуваат дека има елементи за сторени кривични дела, постапуваат, а таму каде утврдуваат дека нема елементи за сторени кривични дела, туку содржат елементи на прекршоци, ги известуваме надлежните инстутции како ДИК, за да можат тие понатаму да постапуваат согласно нивните законски обрвски“, изјави Џељаљ Бајрами, претседател на Привремената комисија при Јавното обвинителство на Република Македонија за следење на изборни нерегуларности.

Бајрами соопшти дека биле оформени и уште седум дополнителни предмети за кои се уште се собираат материјални и вербални докази. Овие предмети се на подрачјето на Струга, Битола, Кочани и Скопје.

Бидејќи се во предистражна постапка, од Обвинителството не откриваат детали за кои изборни нерегуларности сатанува збор. Информираа дека ќе ги следат активности сѐ до заокружување на целиот изборен процес.

Наташа Гркова- Петрушевска