Марковиќ: Се надевам на скорешно членство на Македонија во НАТО

16.10.2017 14:53

Се надевам на скорешно членство на Македонија во НАТО, изјави црногорскиот премиер Марковиќ по средбата со македонскиот Зоран Заев во Скопје. Двајцата премиери разговараа за унапредувањето на соработката во неколку области...

Македонија и Црна Гора немаат отворени прашања, одлични билатерални односи што може да се продлабочат со интензивирање на економската соработка.

„Република Македонија и Република Црна Гора влегуваат во реализација на засилена економска соработка и партнерски исчекори во развојот на добрососедските односи, за зедничка евратланска иднина на целиот регион“, изјави премиерот Зоран Заев.

Се надевам дека Македонија наскоро ќе стане членка на НАТО, изјави црногорскиот премиер, додавајќи дека Црна Гора силно ќе го поддржува приемот на Македонија во НАТО и во Европската унија.

„Како најмлада членка на НАТО и како предводник на процесите на евроинтеграцијата, Црна Гора најсилно ќе ја поддржува аспирацијата на Република Македонија за членство“, нагласи црногорскиот премиер Душко Марковиќ.

Македонскиот и црногорскиот премиер на средбата договориле посилна соработка во образованието, здравството, науката и технологијата и туризмот, како и отворање директна авионска линија меѓу двете држави.

 

Ирина Гелевска