Здравство

Во среда почнува вакцинацијата против сезонски грип

16.10.2017 15:17

Вакцината ги покрива типовите вирус на грип кои циркулираат во северната хемисфера, вклучувајќи го европскиот регион и Македонија, подготвена е согласно препораките на СЗО...

Вакцинацијата против сезонски грип низ земјава ќе започне во среда и ќе се врши во Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици. Вакцината ги покрива типовите вирус на грип кои циркулираат во северната хемисфера, вклучувајќи го европскиот регион и Македонија, подготвена е согласно препораките на СЗО и штити од два типа на вируси од групата A и еден тип на вирус од групата Б, а производител е Абот од Холандија, соопштија од Министерството за здравство.

Вакцинацијата е единствена превентивна заштитна мерка против грип и се препорачува за лицата над 65 години, особено хронично болните лица, мали деца под три години со намален имунитет, здравствени работници, лица со кардиоваскуларни и респираторни заболувања, како и воопшто за лица со намален имунитет.

Вакцината против грип е незадолжителна вакцина и се дава на доброволна база. Цената на вакцинацијата против сезонски грип изнесува 400 денари, како и минатите години.