Со дуално образование до стручен технички кадар

16.10.2017 15:36

Германските инвеститори ги прошируваат капацитетите, но се соочуваат со недостиг од стручен кадар. Бараат во земјава да се воведе дуално образование...

Недостиг од технички кадри за производство и одржување имаат германските инвестиции во земјава. Наместо надзор однадвор, автомобилската индустрија бара лица со инженерски вештини што директно ќе ги вклучи во процесот. Капацитетите се прошируваат, единствен излез за креирање стручни кадри е дуалното образование.

„Во Велес, Прилеп, Кавадарци, Охрид, компаниите веќе ги зголемуваат капацитетите што значи дека основните вештини за изработка и производство стануваат пософистицирани. Одлично би било ако нема потреба од надзор од надвор, односно ако луѓето се обучуваат тука, во Македонија. Ова не се обични работни места, туку места кои бараат поголеми инженерски вештини и секако, носат повисока плата“, вели Тобиас Боле- Стопанска комора на Германија во Македонија.

Во германските инвестиции во земјава има 15 илјади вработени. Од Комората велат, потребите за нови вработувања допрва ќе се зголемуваат. Со дуалниот систем на образование, Германија го задржува младиот кадар, има само седум насто невработеност. Во Македонија стапката е двојно повиоска од степенот во Европската унија.

„Минатата година невработеноста на младите од 15 до 24 години во Македонија била 52,5 отсто, додека на ниво на ЕУ изнесувала 18,7 проценти. Во Германија стапката е 7 отсто, во Австрија 11,2, а во Швајцарија 8,6 проценти“, посочува Борис Тримечев, Стопанска комора на Македонија.

За да се олесни транзицијата од образовниот систем во индустријата, бизнис заедницата бара подршка од државните институции и од Министерството за образование

 

Сузана Фиданска- Стоевска