ОБСЕ/ ОДИХР: Изборите во согласност со меѓународните стандарди
Локалните избори беа конкурентни, генерално во согласност со меѓународните стандарди и покрај кредибилните наводи за прекршоци – оценка на меѓународните набљудувачи од ОБСЕ/ ОДИХР и Советот на Европа. Велат – регистриран е напредок во демократскиот процес...

Локалните избори поминаа во генерално мирна атмосфера, добро огранизирани, согласно со меѓународните стандардни, со забележани низа нерегуларности - ова е првичната оценка на ОБСЕ/ ОДИХР и Советот на Европа. Според меѓународните набљудувачи на денот на гласањето e регистрирано купување гласови, притисок врз гласачи, групно гласање и изолирани случаи на насилство.
Текот на кампањата ја оценија како релативна мирна, со помали вербални напади, искршени штабови, како и насилен инцидент. ОБСЕ имаше забелешка и за работата на провосудните органи, администрацијата и за транспарентоста при работата на Државната изборна комисија.
Во делот на известувањето кај медиумите, заклучокот е дека двете поголеми партии доминирале во приватните медиуми, јавните медиуми им обезбедиле на сите учесници бесплатно време за емитување, кое го искористиле мал дел од кандидатите, ТВ дебатите биле атрактивни. Позитивно според набљудувачите е што се олеснило остварувањето на гласачкото право за лицата со инвалидитет, родовиот баланс не бил конзистентен, жените требале да бидат позастапени во кандидатурата за градоначалник.
Од ОБСЕ/ ОДИХР велат дека процесот сѐ уште не е завршен и дека ќе го набљудуваат и вториот круг на локалните избори, но, според нив на овие избори е забележан напредок во демократскиот процес во земјава и како што велат, расте и довербата на гласачите во изборниот процес.
Викторија Милевска
