„Самит 100“: Поврзување на регионот за повисок економски раст

16.10.2017 16:47

Четворица премиери и 150 бизнис- лидери од регионот во Скопје. Почна „Самит 100“. Главна тема- поврзување на регионот за повисок економски раст. Претседателот Иванов порача- клучно е членството во Европската унија и во НАТО. Побара Брисел час поскоро да ги почне преговорите со земјава...

Бизнис- лидерите од регионов ги идентификуваат предизвиците за поголема соработка и просперитетен Балкан. На маса проектот „Едисон“- иновативни решенија за зелен коридор од Љубљана до Скопје. Брз проток на луѓе и стоки- придобивка од големиот инфраструктурен проект.

„Преку нашата уникатна Самит 100 иницијатива, во директен дијалог, овие два дена ќе се стремиме кон зајакнување на конкурентноста на националните економии и подобрување на квалитетот на животот во целиот регион“, изјави Живко Мукаетов, претседател на УО на „Самит 100“.

„Едисон веќе здружува 50 компании, универзитети и институти во Словенија, а сега се проширува и низ цела ЈИЕ преку концептот „Едисон е-сити“ со лансирање на инфраструктура на полначи за електрични зелени возила, зелени такси. Сакаме да ја поттикнеме и индустријата и производството да ја искористи Едисон за нови иновативни решенија“, изајви Исток Сељак, координатор на проектот „Едисон“.

ЕУ треба да ја стави Македонија на мапата на големите инфраструктурни проекти. За да бидете поуспешни поврзувајте се, порача претседателот Ѓорге Иванов.

„Неопходно е Европската унија час поскоро да ги започне преговорите за членство со Македонија. Со секое затворено поглавје, земјата се европеизира и се приближува кон посакуваните европски демократски стандарди. Целта е еден ден нашите држави да бидат дел од европскиот пазар во кој компаниите од нашиот регион ќе можат слободно да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси“, рече претседателот Ѓорге Иванов.

Поврзувањето е клучно за земјите од Западен Балкан.

„ЕУ е надвор од кризата и сите земји имаат позитивен раст на бруто-домашниот  производ, а во последните девет години невработеноста се движи во надолна линија. Се надевам дека тое ќе го искористите во ваша полза, а можноста за идно членство на Западен Балкан во ЕУ е многу поголема сега, отколку пред 10 години. Западниот Балкан може да има голема корист од дигитализацијата во областа на транспортот и за 60% да го намали администрирањето и сите земји од регионот треба веднаш да воведат е-патарини“, изјави Виолета Булц, еврокомесар за транспорт и поврзување.

Средба со еврокомесарката Булц оствари и министерот за транспорт Сугарески. Тема на разговор - железничкото поврзување во регионот.

„Третата делница е сериозен проблем и таа иако е со најмалку километри, ќе чини најмногу поради структурата на земјиштето, односно поврзаноста помеѓу Крива Паланка и бугарска граница“, рече министерот за транспорт, Горан Сугарески.

На „Самит 100“ учествуваат четворица премиери од ЈИЕ. Регионалната соработка ќе биде официјализирана со потпишување меморандум за меѓусебно разбирање.

 

Сунчица Николоска