Шпанија

Продолжен притворот за двајцата каталонски лидери

17.10.2017 12:43

Каталонската автономна влада ја осуди одлуката за продолжен притвор на двајцата сепаратистички лидери. Премиерот Пуџдемон го осуди апсењето, а за денеска се најавени протести во повеќе градови на Каталонија...

Каталонската влада ја осуди одлуката за продолжување на притворот на двајцата влијателни сепаратистички лидери и го оцени како „акт на провокација“ од страна на шпанската држава.

Портпаролот на каталонската влада рече дека државата игра на картата на провокација, но и дека луѓето нема да наседнат на тоа.

Претседателката на каталонскиот регионален Парламент Карме Форкадел, побара уапсените Жорди Куишарт и Жорди Санчес да се вратат дома, притоа истакнувајќи дека неоправдано се апсат мирни лидери.

Претходно, шпанскиот висок суд соопшти дека наложил двајцата лидери на каталонската сепаратистичка огранизација да останат во притвор додека се под истрага за сомнение за предизвикување бунт.

Обвинителството наведе дека двајцата лидери биле главните организатори на референдумот за независност на Каталонија. Жорди Санчез и Жорди Куиксарт се обвинети за поттикнување стотици демонстранти да ја блокираат полицијата додека вршела рации по канцелариите на регионалната влада во очи референдумот на 1-ви октомври, и кој што се одржа и покрај забраната од Мадрид. Тие порачаа дека Каталонците не смеат да губат надеж затоа што Каталонија си ја заслужила нејзината независност.

Каталонскиот премиер Карлес Пуџдемон претходно го осуди апсењето на двајцата лидери. За денеска се најавени протести во повеќе каталонски градови. Наместо конкретен одговор за прогласувањето независност, Пуџдемон побара уште два месеца за разговор со Мадрид.

Марина Ристова