Заев- Звиздиќ: Унапредување на билатералната соработка
Заеднички заклучок на двајцата премиери е дека во регионот на Западен Балкан потребно е да се обезбеди мир и стабилност, за да се отворат перспективи за евроатланските интеграции...

Унапредување на билатералната соработка меѓу Македонија и Босна и Херцеговина во областа на транспортот, кулурата и образованието беа во фокусот на средбата на премиерот Зоран Заев и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.
„Да овозможиме унапредување на соработката од секој можен проект, и затоа ја користиме секоја прилика на средби за да ја охрабриме деловната заедница, граѓаните, туристичките работници, работниците од областа на културата, образованието, да градат колку што е можно поинтензивна и пооперативна соработка меѓу двете земји. Мене ми е посебно драго што премиерот Звиздиќ ја искористи можноста да биде присутен тука по повмод Самитот 100“, рече премиерот Заев.
„Граѓаните на регионот на Зпаден Балкан сакаат мир, стабилност и економски развој, поврзување и интеграции кои од регионот и секоја држава поединечно ќе направат просперитетно општество и просперитетен регион. Затоа е важно да продолжиме со досегашното ниво на соработка“, потенцира Звиздиќ.
Заеднички заклучок на двајцата премиери е дека во регионот на Западен Балкан потребно е да се обезбеди мир и стабилност, за да се отворат перспективи за евроатланските интеграции и да се зголеми обемот на странските инвестиции, како предуслов за повисоко ниво на вработување.
