ДИК

Течат роковите за приговори од политичките партии

17.10.2017 14:55

До полноќ течат роковите за поднесување жалби до ДИК за текот на гласањето и сумирањето на резултатите. Од утре комисијата ќе ги разгледува пристигнатите жалби, а незадоволните потоа ќе можат да поднесат тужба до Управниот суд...

Завршуваат роковите за поднесување жалби до Државната изборна комисија кои се однесуваат на постапката за гласање и за сумирање и утврдување на резултатите. До сега пристигнат е само еден приговор од Алијансата на Албанците за едно избирачко место во Гостивар, но партиите најчесто приговорите ги поднесуваат пред истекот на рокот.

„По истекувањето на овие рокови за поднесување на приговори, ДИК има 48 часа за одлучување по овие приговори. Незадоволните страни од решенијата на ДИК, имаат 24 часа да поднесат тужба до Управниот суд, додека Управниот суд има 48 часа да одлучи по овие тужби“, изјави Љупка Гугучевска, портпарол на ДИК.

Со ваквата постапка целиот процес од првиот круг на локалните избори би завршил во недела, по што ДИК ќе може и официјално да ги соопшти резултатите. Досегашните резултати укажуваат дека 45 општини уште во првиот круг го избраа својот градоначалник. 37-мина се од редот на Социјал- демократите, тројца од ВМРО-ДПМНЕ, двајца од ДУИ и едно место освои Демократската партија на Турците.

 

Миле Ристески