Заев: Не размислувам за предвремени парламентарни избори

17.10.2017 15:23

Засега не размислувам за предвремени парламентарни избори, вели премиерот Заев. Во фокусот се вториот круг од локалните, но и носењето сериозни одлуки. Партиите од албанскиот политички блок со свои калкулации. Ахмети ги отфрла шпекулациите за договор во вториот круг, а БЕСА и Алијансата на Албанците на Села е можно да соработуваат во некои општини...

Засега не размислувам за предвремени парламентарни избори, приоритет е завршувањето на локалните, вели премиерот Заев. Сепак, остава можност за промена на ставот, по внатрепартиските консултаци и мислења од коалиционите партнери. Фокусот е насочен на носење сериозни одлуки, што веројатно, како што додава, ќе ги носат по завршувањето на вториот круг од изборите. Еден од предизвиците е наметнатиот проблем со името. Заев очекува медијаторот Нимиц идниот месец да излезе со нови предлози, идеи и со можни решенија, но и активно вклучување и на опозицијата, во функција на, како што рече, изнаоѓање решение, а не на негово одложување.

„Македонија има сериозни одлуки пред себе и треба да ги носи на транспарентен и инклузивен начин, меѓу другото, и одлуките за проблемот што ги има Грција со нашето уставно име. Навистина сакаме Македонија да стане 30-та членка на НАТО и затоа, што е значајно, одлуките што ќе ги носи ЕУ напролет е одлична можност да почнеме преговори, а сите знаеме дека мораме да направиме нешто со овој сензитивен проблем како наметнат од грчка страна“, изјави премиерот Заев.

Македонија мора да продолжи со почнатите процеси за спроведување на реформите и на евроинтеграциите, се согласиле лидерот на ДУИ, Ахмети и албанскиот премиер Рама, кој во Скопје учествува на Самитот 100. Ахмети ги отфрли тврдењата дека неговата партија прави тајни договори со други политички партии за поддршка во вториот круг од локалните избори.

„Ние никогаш не сме правеле скриени договори или какви било акробации. Ќе се обидеме и натаму да зрачиме со позитивна енергија, што е многу значајно луѓето да гласаат слободно и да се определат за најдобриот кандидат којшто ќе ги предводи општините во иднина“, изјави Ахмети.

Лидерот на БЕСА, пак, е подготвен на дијалог со Зијадин Села за соработка во вториот круг на локалните избори. Претседателот на Алијансата на Албанците тврди дека не користел националистичка реторика за привлекување гласови.

„Јас ќе разговарам со лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, за да ги конкретизираме можностите за соработка во вториот круг, во сите општини каде што можеме да оствариме најдобар резултат на изборите“, изјави Биљал Касами, претседател на движењето „БЕСА“.

„Јас не се сметам себе си за националиста, се сметам себе си за праведен човек, праведен политичар и сакам да најдам долготрајни решенија за долго да живееме во мир и спокојство“, рече Зијадин Села, претседател на Алијансата на Албанците.

Се очекува дека во општините со мнозинство етнички Албанци, политичката битка во вториот изборен круг ќе биде една од најжестоките. Можни се секакви коалиции и договори, но засега никој не ги отвора картите.

 

Милчо Велески