Убиена новинарка што работеше на „Документите од Панама“
Галиција за време на кариерата ја истражуваше корупцијата меѓу политичарите. Нејзиниот син Метју изјави дека таа е жртва на мафијата на Малта...

Познатата малтешка новинарка Дафне Галиција вчера беше убиена со подметнат експлозив во нејзиниот автомобил. Галиција за време на кариерата ја истражуваше корупцијата меѓу политичарите. Нејзиниот син Метју изјави дека таа е жртва на мафијата на оваа островска држава.
Претходно, новинарката и нејзиниот син ја добија Пулицеровата награда за новинарство по објавувањето на сториите за скандалот со „Документите од Панама“ со кои предизвика предвремени парламентарни избори.
Премиерот Џозеф Мускат, кој повторно беше избран, негираше поседување на оф-шор банкарски сметки и поврзаност со семејство на власт во Азербејџан.
Европската комисија и претседателот Јункер го осудија нападот.
„Таа 30 години беше пионер на истражувачкото новинарство на Малта, беше способна да почне дебата, што е доказ за успешноста во известувањето и посветеноста на вистината. Претседателот Јункер и Европската комисија, колку што е можно поостро го осудуваат овој напад. Правото на новинарите да известуваат, да поставуваат непријатни прашања, е сржта на нашите вредности. Веруваме дека правдата ќе биде задоволена, иако и тоа нема да биде доволно“, рече Маргаритис Схинас, портпарол на Европската комисија.
Малтешкиот премиер Џозеф Мускат на прес-конференција свикана по злосторството го осуди „варварскиот напад“ и им нареди на безбедносните сили да ги употребат сите расположливи средства за сторителите да бидат доведени пред лицето на правдата.
