Алијансата за Албанците и ТМРО поднесоа приговори до ДИК

17.10.2017 16:14

Денеска истекува рокот за поднесување жалби за постапката за гласање и за утврдување на изборните резултати. Државната изборна комисија има 48 часа да донесе одлуки по приемот на приговорите. Партиите имаат можност за тужби и до Управниот суд...

Завршуваат роковите за поднесување жалби до Државната изборна комисија кои се однесуваат на постапката за гласање и за сумирање и утврдување на резултатите. До сега пристигнати се два приговори. Еден приговор од Алијансата на Албанците за едно избирачко место во Гостивар, и еден приговор од партијата ТМРО, во кое се бара поништување на гласањето на сите избирачки места во Град Скопје поради сомнеж во работата на изборната администрација.

„По истекувањето на овие рокови за поднесување на приговори, ДИК има 48 часа за одлучување по овие приговори. Незадоволните страни од решенијата на ДИК, имаат 24 часа да поднесат тужба до Управниот суд, додека Управниот суд има 48 часа да одлучи по овие тужби“, изјави Љупка Гугучевска, портпарол на ДИК.

Со ваквата постапка целиот процес од првиот круг на локалните избори би завршил во недела, по што ДИК ќе може и официјално да ги соопшти резултатите.

Досегашните резултати укажуваат дека во првиот круг 45 општини уште во првиот круг го избраа својот градоначалник. 37-мина се од редот на Социјал- демократите, тројца од ВМРО-ДПМНЕ, двајца од ДУИ и едно место освои Демократската партија на Турците.

Миле Ристески