„Самит 100“: Поголема соработка за развој на Западен Балкан
Премиери од Западен Балкан во Скопје на „Самитот 100“. Си подадоа рака за зајакнување на регионалната соработка. Се заложија за заедничка акција за постигнување на целта што ги обединува балканските држави – членството во Европската унија.

Приоритет ни се евроинтеграциите, мора да се посветиме на реформите и да ја интензивираме соработката во регионот порачаа Заев, Марковиќ, Рама и Звиздиќ на вториот ден од „Самит 100“. Четворицата премиери се согласни- зајакната економска соработка ќе донесе повисок животен стандард во Западен Балкан. Регионот предолго чека да влезе во ЕУ, Европа ќе не почитува повеќе ако бидеме здружени и ако соработуваме, рече македонскиот премиер Зоран Заев.
„Наша цел мора да биде Европа да ја донесеме во регионот, зошто само тогаш Европа ќе не пушти да бидеме рамноправна членка на ЕУ, односно кога нашиот стандард на живот и деловната мобилност и соработка, ќе биде барем приближно до нивото кое го имаат земјите од западна Европа. Верувам дека во таков правец се движи нашиот регион“, рече премиерот Зоран Заев.
Црногорскиот премиер Марковиќ истакна дека треба да се работи на развојот на инфраструктурата. Вели живееме едни покрај други, а не можеме да дојдеме едни до други.
„Кога е во прашање економската соработка во регионот, таа е услов за сите нас, за да имаме економски бенефит“, изјави Душан Марковиќ, претседател на Владата на Црна Гора.
Да ги отвориме границите за соработка, тоа ќе биде потврда дека сме подготвени да се справиме со предизвиците како Европејци, нагласи Рама.
„Ако ја споредиме нашата ситуација со Европа и Регионот, ние многу заостануваме. На патот кон Европската унија стојат многу пречки од различни аспекти, но за тоа не може да ја обвинуваме Европа, ниту Америка. Сега или ќе се обвинуваме меѓусебно или ќе работиме заедно. Сметам дека фактотот што сме присутни тука и ќе бидеме заедно повторно во Црна Гора, е доказ дека не сакаме да се обвинуваме туку дека сакаме да соработуваме“, рече премиерот на Албанија, Еди Рама.
За претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, приоритет е економската соработка, која нема да биде попречена од какви било административни и царински бариери.
„Ако успееме да го сочуавме амбиентот на целосна стабилност, услов без кој не е можна интеграцијата во ЕУ, имајќи ги предвид човечките ресурси со кои располагаме, тогаш можеме да зборуваме за Западен Балкан како сѐ поатрактивно место за европски и светски инвеститори“, смета Денис Звиздиќ, претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина.
Изминативе два дена, поврзувањето беше клучна тема на „Самит 100“. На шестиот собир учествуваа над 150 бизнис-лидери од регионот.
Сунчица Николоска
