Поднесување барање за извод по електронски пат
Потребните документи во електронска форма од Управата за водење матични книги ќе се добиваат најдоцна во рок од 48 часа од поднесувањето на барањето.

Барања за изводи ќе се поднесуваат по електронски пат. Комората на адвокати, извршители, нотари и Управата за водење матични книги потпишаа Меморандум за соработка. Според нив, со ова ќе се намали и турканиците пред шалтерите и ќе се скрати времето за добивање на неопходните документи.
„Преку посебен безбедносен систем, нотарите, адвокатите и извршителите ќе ги добијат документите коишто се во надлежност на Управата за водење на матични книги во електронска форма, потпишани со електронски потпис, со што ќе се скратат трошоците и времето на издавање, а со тоа ќе се овозможи забрзување на оставинските постапки, постапките коишто се вршат по Законот за извршување и постапките кои ги водат адвокатите и нотарите“, изјави директорот на Управата за водење на матични книги Ѓоко Котевски.
Потребните документи во електронска форма од Управата за водење матични книги ќе се добиваат најдоцна во рок од 48 часа од поднесувањето на барањето.
За министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, новините коишто ги воведува Управата за водење на матични книги е чекор напред кон поголемата достапност на услугите што ги нудат државните институции до граѓаните. Од почетокот на следната година тој најави воведување на интегриран портал за е-услуги.
