ФБИ против заслепувањето на пилотите со ласери

17.02.2014 10:04

Американското Федерално Биро за истраги- ФБИ распиша потерница од 10 илјади долари за информација за сторителите на напади на авиони и хеликоптери со ласер. Светлината од ласерите ги заслепува пилотите и ги доведува во опасност патниците. Мината година имало над 3.900 вакви напади, поради што ФБИ формираше и специјален тим за борба против овој вид на криминал.

Ласер во вид на пенкало може да се купи на интернет во Америка за само 20-тина долари. Во последниве години, многу Американци од шега ги заслепуваат пилотите во авионите и хеликоптерите, честопати не сфаќајќи дека ги доведуваат во опасност животите на екипажот, патниците и луѓето на земјата.

„Светлината од ласер исклучително не деконцентрира во коптитот на авионот и е реална опасност што може да доведе до авионска несреќа“, вели американски пилот.

Само минатата година во Америка имало 3.960 напади со ласери врз летала, или по 11 дневно. Најмногу околу аеродромите во Њујорк и јужна Калифорнија. Досега немало авионска несреќа поради вакви напади, но минатиот декември 35 пилоти побарале медицинска помош. ФБИ сериозно почна да работи на сузбивање на овој вид криминал и од минатата недела нуди 10000 долари за информација за прекршителите.

„Бараме помош од јавноста, да бидат добри граѓани и да ги пријават оние коишто прават напади со ласери, во обид да ги намалиме ваквите инциденти и избегнеме катастрофа“, вели специјалниот агент Џон Кинзингер од специјалниот тим на ФБИ за борба против ласерски напади.

Ваквиот вид на криминал во САД од фебруари 2012-та е казнив со 5 години затвор и 11 илјади долари парична казна. Најчести прекршители досега се тинејџери, коишто ако прифатат да одат на обука една година во Департментот за правда може да ја избегнат казната.

ФБИ упати апел до граѓаните да пријават вакви прекршители на законот до 12 локални канцеларии на ФБИ или бројот 911.



Ирина Гелевска- постојан дописник на МРТ од Вашингтон