Аудиоснимки- нов доказ во случајот „Сопот“

18.10.2017 14:37

Аудиоснимка од прислушуван разговор помеѓу екс- министерката Гордана Јанкулоска и поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков е нов доказ што го предложи Специјалното обвинителство во случајот „Сопот“. СЈО бара како сведоци да се сослушаат и 6-мина вработени во УБК кои ја работеле предистражната постапка за овој случај.

Аудиоснимка од прислушуваните материјали е нов доказ на Специјалното обвинителство во случајот Сопот. Обвинителот Бурим Рустеми предлага како доказ да се цени разговорот помеѓу двајца поранешни високи функционери од МВР. Aдвокатите не се противат на предлогот.

„Ние очекувавме дека ќе бидат предложени и круцијалните сведоци по овој предмет, а тоа се Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска, бидејќи тие се во разговорите, тоа е општо познато. Бидејќи тоа не го стори СЈО, ние како одбрна тоа сигурно ќе го предложиме“, изјави адвокатот Насер Рауфи.

Специјалното обвинителство ќе бара на главниот претрес да бидат сослушани и шестмина вработени инспектори од УБК кои ја воделе предистражната постапка, како и двајца вештаци, кои по налог на СЈО извршиле психијатриски вештачења.

„Застапникот на обвинението кога побара да се изведат дополнителни докази, тоа барање го поткрепи со потребата од целосно расветлување на фактичката состојба. Ние како одбрана ќе имаме право да предлагаме докази“, рече адвокатот Вулнет Пачуку.

На стартот од повтореното судење, обвинителот се изјасни дека постапката се запира единствено за Самет Лимани кој е починат, додека за останатите 10-мина обвинети нема да го менува обвинителниот акт.

На селаните со жителство во Сопот им се суди затоа што во март 2003-тата поставиле мина на патот Сушево- Сопот при што загинаа двајца војници на НАТО и еден цивил. Претходно судот, за овој настан ги осуди на 150 години затвор.

 

Анита Димитријевска