Тече рокот за разгледување на приговорите
Поднесени се 46 приговори за првиот круг од локалните избори одржани на 15-ти октомври. Во предвидениот рок што истече ноќеска во два часот, најмногу приговори поднела ВМРО-ДПМНЕ, 43, и по еден од ТМРО, Алијанса за Албанците и од Левица. Течат законските рокови за одговор на приговорите од ДИК и за натамошни тужби пред надлежниот суд.

ВМРО-ДПМНЕ поднела најмногу приговори до Државната изборна комисија, вкупно 43. По еден приговор има од партиите ТМРО, Левица и од Алијансата за Албанците. Се однесуваат за текот на гласањето, но и за сумирањето и утврдувањето на резултатите. Веќе тече рокот од 48 часа во кој членовите на ДИК треба да ги разгледаат и да одлучат по поднесените приговори.
„Првин Државната изборна комисија за секој приговор поединчено ќе ја утврди неговата уредност, односно дали е доставен во законски предвидениот рок и дали ги содржи сите законски елементи кои се задолжителни за формата на приговорот. Потоа, секој приговор поединечно ќе го разгледа и ќе донесе решение на јавна седница“, изјави портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.
ТМРО на Ванчо Шехтански, кандидат за градоначалник на Скопје, поднесе приговор во кој бара повторно броење на гласовите во главниот град. Семта дека тоа треба да го стори Државната изборна комисија. Објаснувањето на Шехтански е дека едниот записник од броење на гласовите се запечатува во кутијата за гласање, вториот се носи во Општинската изборна комисија, а ДИК добива записник во електронска форма.
„Бараме да се изврши броење на гласачките ливчиња од кутиите. Тоа да биде јавно во ДИК за сите 675 места во градот Скопје. Истото го имаме поднесено и за нашите кандидати за општина Кавадарци“, изјави Ванчо Шехтански од ТМРО.
Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Судот, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа од приемот.
Миле Ристески
