Кина: Модернизација на социјализмот

18.10.2017 14:52

„Кина има социјализам со свои обележја и нема да копира ничиј политички систем“, потенцираше претседателот на Комунистичката партија и челникот на државата Си Џинпинг. Најави економски реформи, отвореност кон светот и борба против сепаратизмот и корупцијата. Конгресот на Комунистичката партија се одржува на пет години и е најважниот политички настан во оваа азиска држава.

Под големо полициско обезбедување стартуваше 19. Самит на Комунистичката партија на Кина. Над 2.000 делегати и стотици новинари го проследија тричасовниот говор на претседателот Си Џинпинг во кој беа изнесени детали околу агендата за политиката што ќе се води во наредните пет години. Меѓу главните заклучоци е споменат двофазен план за т.н. „модернизација на социјализмот“, кој треба да се спроведе до 2050 година.

„Темата на Конгресот е да се задржи суштинската аспирација и мисија, да се зачува социјализмот со кинески обележја, да се обезбеди решителна победа во формирањето на просперитетно општество. Треба да се стремиме кон големи успеси со овој социјализам во новата ера, и неуморно да работиме за да го претвориме во реалност нашиот кинески сон за национална обнова“, изјави претседателот на Кина, Си Џинпинг.

Џинпинг најави војна против сепаратизмот, алудирајќи на движењата во Синкјанг, Хонгконг и во Тибет, за кој повторно нагласи дека е дел од Кина. Вети економски реформи, вклучувајќи и намалување на бариерите за странските инвеститори, како и интензивирање на борбата против корупцијата.

„Кинескиот политички систем е најголемиот, најоригиналниот и најефикасниот начин за зачувување на основните интереси на народот. Не треба механички да ги копираме системите од другите држави. Борбата против корупцијата ќе се засилува. Ќе има прогрес во антикорупциската кампања против претставниците од високите рангови. Кина се води според политиката на нулта толеранција кон корупцијата“, нагласи Џинпинг.

Еднонеделниот Конгрес ќе кулминира со избор на новиот состав на Политбирото на Централниот комитет на партијата, кој во наредните пет години ќе носи одлуки за 1,4 милијарди кинески државјани. На чело на партијата се очекува да остане Џинпинг, кој беше избран за таа позиција во 2012 година.

Маја Филдишев