Да се подигне свеста за органодарителството
Да заживее трансплантацијата, да се воведат нови лекови, да се подобрат условите – бара Здружението на бубрежно болни. Лекарите велат дека е клучно да се подигне свеста за органодарителството. Годинава на 12 пациенти им е пресаден бубрег...

Повторно да заживее трансплантацијата на бубрег од починат донор- побара Здружението на бубрежно болни граѓани на Европскиот ден на органодарителството. Велат, важно е да се воведат и нови лекови за пациентите, да се намали нивната цена или да бидат бесплатни. Од надлежните побараа воведување вкрстена трансплантација или размена на органи.
„Затоа потребно е да се прошири Центарот за трансплантација при Клиниката за урологија и да се подобрат условите. Пациентите бараат и бесплатна типизација да се направи како услов да имаме база на податоци каде што евентуалните кадавери можеме брзо и лесно да ги трансплантираме“, изјави Душко Ѓорѓиев, претседател на здружението „Нефрон“.
По застојот, последнава година на Клиниката за урологија се извршени 12 трансплантации. Лекарите велат, поради прекинот на работа паднал ентузијазмот кај пациентите за пресадување на бубрег од починат донор.
„Како пациентите се подготвуваат од колегите од Клиниката за нефрологија, и од анестезилозите така ние ги оперираме, значи нема листа на чекање. Кадаверот за жал замре, падна ентузијазмот кај пациентите затоа што беше направен застој“, вели д-р Сашо Дохчев, директор на Клиниката за урологија.
Потребно е да се подигне свесноста кај населението за кадаверичната трансплантација- велат лекарите.
„Мора да има подигнување на свеста кај населението во однос на мозочната смрт и што значи тоа. Дека е смрт за пациентот и можеме да ги одржуваме неговите органи, органите да бидат дарувани“, изјави д-р Маја Мосова, координатор за кадаверична трансплантациија.
Пациентите и лекарите се надеваат дека програмата за кадаверична трансплантација ќе биде возобновена, но и дека ќе се подигне свесноста на населението за дарување органи.
Андријана Атанасовска
