ВМРО-ДПМНЕ со критики за извештајот на ОБСЕ/ОДИХР

18.10.2017 16:58

Партијата смета дека е необјективен и не ја одразува фактичката состојба на изборите. Оттаму велат дека во документот не се посочуваат одговорните за нарушување на процесот.

ВМРО-ДПМНЕ со критики за извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори. Партијата смета дека е необјективен и не ја одразува фактичката состојба на изборите. Оттаму велат дека во документот не се посочуваат одговорните за нарушување на процесот.

„Изборите не може да бидат одржани во конкурентно опкружување со почитување на темелните слободи, а истовремено да се констатираат кредибилни, докажани, очигледни наводи за купување на гласови, притисок врз гласачите и како што тие велат изолирани случаи на насилство. Во најмала рака е неодговорно и некредибилно во фуснота да се сокрие убиство на учесник во изборниот процес кое дејство, само по себе фрла огромна дамка на изборите“, истакна Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Бројните хајки по и врз функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои претходеа беа во функција на втерување страв кај гласачите и особено активистите на ВМРО-ДПМНЕ, како порака дека секоја нивна закана може да се реализира кон секого. Случаите со недостаток на гласачки ливчиња, пронајдени гласачки ливчиња од една во друга општина со заокружени имиња на кандидати, беа само потврда за организирано лажирање на изборниот процес од страна на власта на СДСМ, рече Ѓорчев.